И по 20 години
СЛОВЕНИЈА ДОМИНИРА НА ЈУГОСЛОВЕНСКИОТ ПАЗАР
На пазарот на некогашната СФРЈ и после 20 години и сите турбуленции што во овој период и се случија на заедничката држава која полека почнавме да ја забораваме, работите останаа исти. Со мали отстапувања во односот на силите на економиите на осамостоените федерални единици, главната улога и понатаму е резервирана за Словенија, која најбрзо го изоди патот на евроатланските интеграции, но истовремено го задржа и стариот имиџ – доминантна улога на југословенскиот пазар. Овие констатации произлегуваат од анализата што ја спроведе белградскиот економист Мирослав Здравковиќ. Според овој аналитичар, Словенија и после 20 године по распаѓањето на СФРЈ ја задржа доминантната позиција на поранешниот југословенски пазар, на кој денес остварува суфицит од 1,3 милијарди евра. Тоа и е повеќе од доволно да го покрие дефицитот од 1,1 милијарда евра, што оваа држава го има во размената со земјите од Европската унија. Според податоците што ги презентира Здравковиќ, словенечките претпријатија кои работат во Србија од нашиот северен сосед дневно извлекуваат по околу милион евра, односно 341 милион евра годишно.
Состојбата е слична и во економската размена со останатите ЈУ републики, само што бројките и висината на суфицитот што го остварува Дежелата се различни. Покрај доминацијата на некогашниот југословенски пазар, Словенија, според Здравковиќ, поволниот однос во размената го задржала и со Русија.
Што се однесува за Македонија, во стоковната размена со Словенија перманентно остваруваме дефицит поголем од 50 и повеќе проценти. Според официалните податоци на Државниот завод за статистика на Македонија, во периодот јануари - декември 2010 година македонскиот извоз во Словенија тежел 69,099 милиони долари, додека, пак, увозот во истиот период бил речиси 2,5 поголем и изнесувал 165,123 милиони долари. Овој тренд продолжува и годинава, од јануари до август од Словенците сме увезле стоки во вредност од 127,5 милиони, а сме извезле за само 62,399 милиони долари.
|