ЦЕНИ НА СТАНОВИТЕ ВО ЕКС ЈУГОСЛАВИЈА
Откако цените на становите во екс Југославија последниве години растеа до небо, глобалната криза донекаде ги спушти во реалноста, иако купувањето стан се уште е неостварлив сон за најголемиот број граѓани. Донесуваме преглед на цените на недвижнините во најголемите градови на поранешна Југославија.
За Македонија е познато, по ланскиот пад цените на квадратниот метар почнаа повторно да растат и тие за полуксузните станови на поатрактивните скопски локации, се движат околу 1.400 евра, додека квадратниот метар на просечните станови во Скопје е околу 1.000 евра.
Според последните податоци на хрватскиот Државен завод за статистика, во Хрватска цените на квадратниот метар се намалени за 12,6 отсто. Просечната цена на новите станови во првата половина на 2010 година изнесува 1.590 евра, а во центарот на Загреб просекот е 1.660 евра за квадрат.
Во Сараево квадратот околу 1500 евра
Според податоците достапни на интернет, недвижнините поевтинија и во БиХ. Во центарот на Сараево може да се купи стан по просечна цена од 1.570 евра за квадратен метар, а на Грбавица и за 1.100 евра. Во Мостар просечните цени се движат од 932 до 1.096 евра за квадратен метар, иако пред само половина година новите станови се продаваа за 1644 евра.
Во последните 18 месеци цените на недвижнините паднаа и во Белград, каде просекот се движи од 1500 до 1900 евра за квадрат, додека луксузните локации имаат цена од 2500 евра за квадратен метар стан. Во Нови Сад цените се малку подостапни, се движат околу 950 евра за квадрат, додека во центарот на градот ќе морате да платите 1400 евра. Што се однесува за Црна Гора, за разлика од пред две години, кога богатите Руси за квадратен метар покрај морскиот брег беа спремни да платат од 3000 до 8000 евра, а во некои случаи дури и 10.000 евра, сега цената е неколку пати помала. Во Будва пролетва можеше да се купи стан меѓи 1100 и 1500 евра, а на локациите подалеку од морскиот брег меѓу 700 и 1000 евра. Просечната цена на квадратниот метар во Подгорица на почетокот на летото изнесуваше 1191 евро.
Љубљана најскапа
Словенија е единствената држава од поранешна Југославија во која цените на становите достигнуваат астрономски димензии. Во Љубљана квадрат станбен простор во август чинеше 2600 евра, а во луксузните варијанти и до 4000 евра. Предвидувањата се дека квадратот во елитните населби во Љубљана може да достигне и до 10.000 евр, при што единствено е непознато за каков степен на елитност станува збор.
|