ПАМУКОТ ЛУКСУЗНА СТОКА
По вестите за рапидниот скок на цената на памукот од цели 50 проценти, во однос на минатата година, на шопингхоличарите не им се пишува добро. Поплавите во Пакистан и во Кина уништија околу 2,5 милиони хектари посадени со памук, заради што уште сега е познато дека годинашниот принос од оваа култура во светот ќе биде помал за 25 отсто.
Пазарот веднаш реагираше и за месец дена цената на половина килограм памук на светските берзи од 0,1 се зголеми на 0,83 долари, што е највисока цена во последниве 15 години. Аналитичарите предвидуваат дека заради ваквиот тренд мајците кои во моментов на пазарот чинат 9,5 евра, ќе поскапат за 1,2 евра, додека фармерките, за кои досега сте плаќале 56 евра, ќе ве чинат 61 евро.
Поскапувањето на памукот може да ги натера текстилците во иднина повеќе да се свртат кон шиење облека од вештачки материјали. Големите поплави и евентуалните климатски промени најверојатно ќе направат евтината и удобна памучна облека во иднина да стане луксузна стока, а тоа ќе падне врз грбот на потрошувачите, кои заради рецесијата и намалената куповна моќ и така се помалку влегуваат во продавниците по нови модни крпчиња.
Најпопуларните синџири на облека, како H&M, Levis и производителот на долна облека Wonderbr, веќе најавија поскапување на своите производи.
|